Турција достави храна и медицински материјали до Глобалната флотила за хуманитарна помош
Турската Црвена полумесечина вчера обезбеди храна и медицински материјали за Глобалната флотила „Сумуд“, која е на пат да достави хуманитарна помош во Појасот Газа

Турската Црвена полумесечина вчера обезбеди храна и медицински материјали за Глобалната флотила „Сумуд“, која е на пат да достави хуманитарна помош во Појасот Газа, јавува Анадолу.
Турската Црвена полумесечина достави храна и медицинска помош до флотилата составена од околу 50 бродови, кои го продолжуваат своето патување низ Медитеранот во областа помеѓу Крит, островот Кипар и Египет.
- Турција ги евакуираше патниците од бродот во опасност
Претходно во текот на вчерашниот ден, Турција ја координираше евакуацијата на патниците од бродот на флотилата, „Џони М“, откако тој побара помош поради тоа што почнал да се полни со вода.
Бернар Пјер Лагуна, францускиот капетан на бродот „Џони М“, кој испрати повик за помош преку радио, изрази надеж дека оние што се на пат кон Газа ќе пристигнат безбедно.
„Водата почна да го влече бродот надолу. Ја изгубивме контролата и сите на бродот мораа да бидат евакуирани. Јас бев капетан, а на бродот имаше 12 лица. Сите ги префрливме на безбеден брод. По сето ова, само сакам да се вратам дома во Марсеј. Направив сè што можев за да стигнам до Газа, но тоа не беше можно; речиси го изгубивме бродот. Сега си одам дома. Се надевам дека сè ќе биде добро за оние што ќе стигнат до Газа, дека работите ќе поминат непречено и дека ќе останат безбедни“, изјави тој за Анадолу.
Јасемин Ачар, една од активистките во Глобалната флотила „Сумуд“, рече дека нивната единствена цел е да стигнат до Газа.
„Времето беше лошо, бевме бомбардирани. Бевме запрени неколку пати, но моралот е висок. Тука сме затоа што сите разбираме дека на Газа ѝ е потребно ова и не се откажуваме. Ќе продолжиме. Во моментов има над 40 бродови, а стотици активисти од целиот свет се на нив. Со полна брзина напред кон Газа“, додаде таа.
Истакнувајќи дека им остануваат околу три дена за да стигнат до Газа, Акар рече дека по патот се соочиле со закани од Израел.
Акар рече дека тие неуморно се борат за Газа и покрај заканите од Израел дека ќе ги запре и ќе ги затвори.
„Зошто Израел сака да ја запре оваа флотила? Ние носиме хуманитарна помош. Не носиме оружје. Ние не сме опасноста, туку Израел. Израел е опасност не само за Газа, туку и за целиот свет. Тие се плашат затоа што гледаат толку многу луѓе и затоа што го мобилизиравме светот“, додаде таа.
Турската Црвена полумесечина и другите власти презедоа мерки за координирање на евакуацијата од бродот во опасност, на кој имало патници од земји како Луксембург, Франција, Финска, Мексико и Малезија.
На американската платформа на социјалните медиуми Инстаграм, флотилата нагласи дека операцијата била спроведена непречено благодарение на брзата координација на турската Влада и придонесите на Турската црвена полумесечина на терен за време на процесот на евакуација.
- Флотила за помош за Газа
Глобалната флотила „Сумуд“, која вклучува десетици бродови, веќе со денови плови кон Газа. Флотата носи голема количина хуманитарна помош, особено медицински материјали, и претставува најголема флота што досега пловела кон Газа.
Сумуд, што на арапски значи „упорност“ или „непоколеблива решителност“, доби ново значење кај палестинскиот народ по Арапско-израелската војна (Шестдневна војна) од 1967 година, за да се опише угнетувањето и отпорот.
Концептот сумуд се однесува на потрагата по начини за спротивставување на окупацијата и изградба на алтернативни институции преку останувањето на Палестинците на нивната земја, одржувањето на палестинскиот идентитет и култура живи, како и ненасилната граѓанска непослушност. Во Палестина, маслиновото дрво и бремената селанка се користат за илустрација на овој концепт.