Шест години членство во НАТО: Северна Македонија како триесетта членка активно придонесува за мир и
Посветеноста на евроатлантската интеграција на Северна Македонија датира од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција со која се дефинираа приоритетите на надворешната политика на државата - членство во НАТО и ЕУ
Република Северна Македонија официјално стана 30. членка на НАТО на 27 март 2020 година, со што се реализираше еден од стратегиските приоритети на надворешната политика на државата, јавува Анадолу.
Посветеноста на евроатлантската интеграција на Северна Македонија датира од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција со која се дефинираат приоритетите на надворешната политика на државата - членство во НАТО и ЕУ.
На 15 ноември 1995 година тогаш Република Македонија го потпиша Основниот документ за вклучување во програмата „Партнерство за мир“, а истовремено беше примена во Советот за соработка на НАТО, подоцна познат како Совет за евроатлантско партнерство.
Канцеларија за врски на НАТО во Скопје беше отворена на 14 јуни 1996 година, а Постојана мисија при седиштето на НАТО во Брисел на крајот на 1997 година. На Самитот на НАТО во Вашингтон во април 1999 година Република Македонија доби статус на кандидат за членство, по што започнаа подготовката и имплементацијата на Планот за акција за членство.
Во финалната Декларација на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата одлучи земјата да добие покана за членство откако ќе се реши прашањето за името со Грција. Декларациите на следните самити (Лисабон, 2010; Чикаго, 2012; Велс, 2014 и Варшава, 2016) ја повторија формулацијата од Букурешт дека поканата за членство ќе се прати веднаш по постигнувањето заемно прифатливо решение за името во рамките на ОН.
- Промена на името на земјата поради проблемот со Грција -
Иако имаше повеќегодишни прекини во преговорите за решавање на проблемот со името меѓу Македонија и Грција, сепак продолжуваа одвреме-навреме.
По 25 години од приемот на Македонија во ОН, Грција и Македонија со посредство на ОН спроведоа преговори по кои на 17 јуни 2018 година беше потпишан Преспанскиот договор во грчкото село Нивици, на брегот на Преспанското Езеро.
Според договорот познат како решение за името и договор за стратегиско партнерство, Македонија би го сменила името во „Северна Македонија“. За таа цел во септември 2018 година се одржа референдум во земјата.
- На 27 март 2020 година 30. членка на НАТО -
На Самитот во Брисел, одржан на 11-12 јули 2018 година, северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади одлучи да ја покани Република Северна Македонија да започне преговори за членство во Алијансата.
На 18-19 октомври 2018 година, на средба во седиштето на НАТО во Брисел, Република Северна Македонија успешно ги заврши преговорите за членство.
На 6 февруари 2019 година, во седиштето на НАТО во Брисел, претставници на 29 земји членки, во присуство на генералниот секретар и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, го потпишаа Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во Алијансата.
По официјалната церемонија во Брисел започна процесот на ратификација од сите 29 земји членки, кој заврши на 19 март 2020 година, кога амбасадорот на Кралството Шпанија во Вашингтон го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што заврши третата и последна фаза од процесот на вклучување.
Со цел непречено продолжување на процесот на интеграција, на 11 февруари 2020 година Собранието на Република Северна Македонија едногласно го ратификуваше Северноатлантскиот договор, а на 20 март 2020 година претседателот го потпиша инструментот за ратификација на Протоколот за членство.
На 27 март 2020 година, преку Амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон, инструментот за пристапување во Северноатлантскиот договор беше депониран во Стејт департментот на САД, со што земјата официјално стана 30. членка на НАТО.
- „Северна Македонија е цврст и ценет сојузник“ -
За време на посетата на земјата на 3 март 2026 година генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја опиша Северна Македонија како „цврст и ценет сојузник“, истакнувајќи го зголеменото издвојување за одбраната, придонесот кон источното крило на Алијансата и континуираната поддршка за Украина.
„Северна Македонија игра клучна улога во зачувувањето на стабилноста на Западен Балкан“, нагласи Руте, истакнувајќи дека НАТО останува цврсто посветен на спречувањето на каков било безбедносен вакуум во регионот.
„И покрај низата безбедносни предизвици со кои се соочуваме, безбедноста на Западен Балкан останува приоритет за НАТО“, рече тој.
Република Северна Македонија денес активно придонесува во мисиите за безбедност на НАТО, ЕУ и ОН во регионот и светот, поддржувајќи мир и безбедност.
Активната улога во регионалната безбедносна соработка преку САД-Јадранската повелба, исто така, го потврдува значајниот придонес на земјата за развој на стабилен, безбеден и економски просперитетен регион.