Нема докази дека било побарано продолжување на лиценцата на „Пулс“ од актуелниот министерз
Проширена е истрагата за пожарот во Кочани за нови 19 лица, во чии рамки вчера се приведени поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, како и Шабан Салиу, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување од 2008 до 2017

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешната заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани, известува Анадолу.
Обвинител Коцевски информираше дека досега се води истрага кон 45 физички и 3 правни лица. Поради смртта на едно од физичките лица во меѓувреме, прекината е истрагата против него. Тој соопшти дека се води и истрага против седум полициски службеници и порача дека истрагата ќе биде максимално ефективна со посакувани ефекти.
Министерот Тошковски во своето обраќање рече дека Министерството за внатрешни работи презема низа активности покажувајќи дека законот важи за секој што ќе го прекрши, а притоа постојат соодветни докази.
Тој потврди дека во текот на вчерашниот ден Основното јавно обвинителство Кочани во соработка со МВР ја прошири истрагата за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ за нови 19 лица и нагласи дека сите, како и претходните за кои беше поведена истрага, се осомничени за Тешки дела против општата сигурност од Кривичниот законик. За 4 осомничени е предложена мерка притвор, за 7 мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, а за 7 е предложена мерка за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворањето на истрагата бил надвор од државата.
„Сакам да упатам една јасна порака до македонските граѓани, а тоа е дека времето кога пајакот и кабелот беа криви заврши. Македонските граѓани можат да направат разлика и за она што досега е спроведено, во споредба на што досега било правено претходно. Мислам дека на секој еден од нас му е јасно дека разликата е огромна, дека за разлика од претходно со оние три, четири трагедии коишто цело време се споменати во јавноста, каде што имавме повеќе од седумдесеттина жртви. Во минатото МВР немаше поднесено никаква кривична пријава до Јавното обвинителство, немаше ниеден осомничен којшто би требало да го процесуира и даде на понатамошна обработка на Јавното обвинителство.“, истакна министерот Тошковски.
Тошковски рече дека не смее да се дозволи истрагата да биде под влијание на политичките препукувања од недобронамерниците кои сакаат врз гневот на македонските граѓани да заработат некој политички поен.
- Проширување на полициската истрага
Со проширувањето на истрагата за трагедијата во Кочани опфатени се и поранешни министри за економија.
Меѓу лицата што вчера беа приведени се и поранешните министри Ваљон Сарачини и Беким Незири (министри во периодот од 2011 до 2016). Претходно беше приведен и во притвор се наоѓа Крешник Бектеши, министер за економија во периодот од 2017 до 2024.
Приведен е и Шабан Салиу, актуелен министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите. Салиу беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување од 2008-ма до 2017-та, односно во периодот кога е отворен кочанскиот клуб „Пулс“.
Со истрагата е опфатен и поранешниот министер за економија и актуелен амбасадор на Северна Македонија во Норвешка, Дритон Кучи. Тој се огласи на социјалните мрежи откако бил информиран дека претставници на МВР биле во неговиот дом со покана за информативен разговор, наведувајќи дека со првиот авион се враќа во земјата.
- Реакција од ДУИ
Речиси сите лица под истрага, особено поранешни владини функционери, се од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), која повика на итна одговорност за да се спречат вакви трагедии во иднина, но истовремено ги критикува истрагите на актуелната влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да преземе брза и решителна акција и да ги повика на одговорност оние кои се вистински виновни, владата се вклучи во активности за бегање од одговорност на актуелните функционери и се оддаде на создавање непотребни етнички тензии“, се наведува во реакцијата на ДУИ, која нагласи дека актуелната власт со „неосновано апсење на Албанци се обидува да предизвика меѓуетнички тензии, како параван за неуспесите на владата и како алатка за предизвикување етнички раздор“.
- Пожарот во ноќниот клуб во Кочани
На 16 март околу 03:00 часот во дискотека во Кочани избувна пожар предизвикан од пиротехника користена за време концерт на музичка група.
Во пожарот првично загинаа 59 лица, а над 170 беа повредени. Десетици повредени се префрлени на лекување во странство, од кои 12 во Туркије.
Изминатата недела на повредите им подлегнаа две повредени лица кои беа на лекување во Литванија, со што бројот на загинати се зголеми на 61.
По инцидентот е утврдено дека објектот не поседувал валидна лиценца за работа, поради што е отворена истражна постапка против десетици лица, меѓу кои и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.
Полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство Кочани ги приведоа и поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски, и градоначалникот во оставка, Љупчо Папазов.