Началникот на израелската армија предупредува на потенцијален колапс поради недостиг на војници
Официјални лица предупредија дека без дополнителен персонал „ќе се појават големи празнини“ во оперативната покриеност
Началникот на Генералштабот на израелската војска предупреди дека армијата би можела да се соочи со внатрешен колапс доколку Владата не го реши проблемот со недостигот на војници, објавија медиумите вчера, пренесува Анадолу.
Говорејќи на состанокот на Кабинетот за безбедност во среда, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Ејал Замир, изјави: „Подигнувам 10 црвени знамиња пред ИДФ (израелските одбранбени сили) сами ќе колабрираат“, пренесе „Ерусалим пост“.
Воени извори изразија „огромна загриженост“ поради недостигот, особено во услови на тековната војна, истакнувајќи дека дури и во мирно време ќе бидат потребни повеќе војници на повеќе фронтови, вклучително Газа, Либан, Сирија и Западниот Брег.
Официјални лица предупредија дека без дополнителен персонал „ќе се појават големи празнини“ во оперативната покриеност.
Недостигот делумно се припишува на отсуството на закон со кој значително би се проширила регрутацијата меѓу хареди (ултраортодоксната) популација.
Предлог-законот за зголемување на регрутирањето на хареди беше „ставен настрана“ од премиерот Бенјамин Нетанјаху во име на единството за време на војната.
Опозициските претставници упатија остри критики до Владата по изјавите на Замир, предупредувајќи на пошироки безбедносни ризици.
Членовите на партијата Јеш Атид (Има иднина) го опишаа закочениот процес на регрутација како „безбедносна опасност“, додавајќи дека „повеќе не е можно ова да се игнорира“.
Лидерот на опозицијата, Јаир Лапид, порача: „При следната катастрофа Владата не ќе може да каже ‘не знаевме’“.
Лидерот на партијата Израел Бејтену, Авигдор Либерман, повика на универзална регрутација, додека поранешниот премиер Нафтали Бенет праша: „За име божјо, што чекате?“
Поранешниот началник на војската, Гади Ајзенкот, изјави дека задолжителниот воен рок за сите е „потреба на моментот“, додека други политички претставници предупредија дека потпирањето врз резервистите достигнува неодржливо ниво.